Заврши протестот на српската опозиција собрана околу коалицијата „Србија против насилство“ пред градското собрание на Белград. За време на протестот се случија неколку инциденти, првин кога пратеници на опозицијата се обидоа да влезат во зградата за да им се обратат на насобраните граѓани од балконот, но беа спречени од полицијата која што ги блокираше вратите одвнатре.
Тоа доведе до незадоволство на насобраните, па дел од нив во неколку наврати ги кршеа прозорците. По неколку часа, полицијата ги растера демонстрантите со солзавец и пепер спреј.
Се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој кажа дека „никаква револуција не е во тек во Белград“.
Тоа беше шести протест на опозицијата, која што обвинува за изборна кражба на изборите минатиот викенд.
Студентите кои протестираа побараа од Вучиќ да ги исполни нивните барања и најавија дека во спротивно ќе го блокираат цел Белград. Тие бараат проверка на избирачкиот список.
Паралелно со протестите, една од лидерите на опозицијата Мариника Тепиќ штрајкува со глад. Нејзе во штрајкот ѝ се придружија уште шестмина поранешни пратеници и претставници на „Србија против насилство“.
На изборите минатата недела, СНС на Вучиќ освои 46,75 отсто од гласовите, додека опозициската листа „Србија против насилство“ освои 23,56 отсто.