Александар Вучиќ изјави дека двајца полицајци се потешко повредени за време на синоќешните протести пред градското собрание во Белград, а повеќе од 35 луѓе се уапсени, опишувајќи ги настаните како „насилен обид за заземање државни институции“.
„Имаме докази дека сѐ беше подготвувано. Државата ќе реагира. Никој нема право да ја уништува нашата куќа, да ги уништува имотите на нашата земја, а уште помалку да повредува полицајци“, изјави Вучиќ.
По седницата на Советот за национална безбедност, тој кажа дека уапсените се силеџии и дека апсењата ќе продолжат откако ќе се утврди идентитетот на некои лица.
Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои бараат поништување на неодамнешните избори во Белград. Таа интервенираше откако некои демонстранти почнаа да кршат прозорци на зградата на градското собрание и се обидоа насилно да влезат внатре. Опозициските активисти велат дека полицијата употребила прекумерна сила.
„Режимот на Александар Вучиќ уште еднаш го покажа своето вистинско, насилничко лице. Тие пратија свои хулигани да прават инциденти, а потоа Вучиќ испрати специјалци на граѓаните кои се бунат против украдените избори, кои применија брутална сила. Го осудуваме и апсењето на големиот број демонстранти, кои не дадоа никаков повод за тоа. Им ветуваме на граѓаните дека по никоја цена нема да се откажеме од борбата за поништување на изборите“, соопшти коалицискиот блок „Србија против насилството“.
Опозицијата организираше протести секоја вечер од изборите пред една недела и ова беше првпат да станат насилни.