„Падот на Масада“, според текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, е последната премиера во Драмски театар во Скопје за годинава, закажана за на 28 декември во 20 часот. Андоновски на денешната прес-конференција рече дека ова е претстава која поставува едно вечно прашање, дали идеите вредат да се положи живот за нив или не.
„На таа тема се пишувани многу дела. Јас се трудев преку неколку историски пресеци, да покажам примери на масовно и единечно самоубиство, дури и кога е единечно направено е поради колективни причини. Треба сериозно да размислиме дали идеите го заслужуваат нашиот живот“, кажа Андоновски.
Пројковски рече дека имале многу убав и креативен процес обидувајќи се да ги преиспитаат сите прашања и дилеми кои што ги отвора овој текст.
„Концептот за оваа претстава е базиран на тоа дека театарот и сцената се клуч за патување низ времето и просторот. Од друга страна, секогаш сите општествени системи и промени многу полесно и поедноставно се тестираат на сцена“, рече режисерот.
Во оваа праизведба играат Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ и Емилија Мицевска. Жугиќ денеска кажа дека со оваа претстава прославува 30 години кариера. Публиката седи на сцена за време на претставата.
„Текстот е за тоа дека сите чекаме подобри времиња, а може сега ние треба да ги правиме времињата“, рече Трајковиќ.
Сценографијата и костимите се на Валентин Светозарев, а музиката на Горан Трајковски.
Б. НЕСТОРОСКА