Француската полиција уапси 33-годишен маж осомничен дека ги убил своите сопруга и четири деца. Истрагата почнала откако нивните пет тела биле пронајдени во стан во гратчето Мо, 40 километри североисточно од Париз.
Убиените деца се на возраст од девет месеци до десет години. Обвинителот Жан-Баптист Бладие кажа дека полицијата открила место на екстремно насилство со локви крв.
„Во станот немало знаци на провала, а таткото на децата не бил присутен кога дошла полицијата“, изјави Бладие.
Полицијата реагирала откако една сосетка пријавила дека неколкупати не успеала да контактира со семејството, а ролетните во станот биле спуштени. Таа ѝ рекла на полицијата дека видела крв на кваката и пред вратата од станот.
Полицијата го лоцирала осомничениот со помош на надзорните камери, при што бил уапсен близу домот на татко му во соседното гратче Севран. Бладие кажа дека тој отпорано ѝ бил познат на полицијата поради случаи на домашно насилство, но немал криминално досие.
„Триесет и петгодишната мајка и ќерките од десет и седум години имале голем број убодни рани. На телата на најмладите деца од девет месеци и четири години немало видливи рани и веројатно биле задавени или удавени“, изјави Бладие.
Соседите на семејството кажаа дека таткото имал психички проблеми, особено откако останал без работа.