ДАНЕЛА ГО РАЗРЕШИ ГЛИГОРОВ, НОВ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ГРАД СКОПЈЕ Е НАТАЛИЈА МИТОВСКА, СОПРУГА НА СОПСТВЕНИКОТ НА „ИНФОМАКС“

    ДАНЕЛА ГО РАЗРЕШИ ГЛИГОРОВ, НОВ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ГРАД СКОПЈЕ Е НАТАЛИЈА МИТОВСКА, СОПРУГА НА СОПСТВЕНИКОТ НА „ИНФОМАКС“Митовска доаѓа на местото на Зоран Глигоров, кој е разрешен откако сопругата го пријави за семејно насилство. (Фото: Град Скопје)

    Наталија Митовска, е нов генерален секретар на Град Скопје. Митовска е сопственичка на продукцијата „Трипл диџит продакшн“ и сопруга на сопственикот на порталот „Инфомакс“ Александар Митовски-Мечка. Градоначалничката Данела Арсовска денеска го разреши од функција досегашниот генерален секретар Зоран Глигоров и на негово место ја назначи Митовска.

    Разрешувањето на Глигоров, кој беше најблизок соработник на Арсовска, доаѓа откако неговата сопруга го пријави во полиција за семејно насилство.

    Од стапувањето на функција, Арсовска многу често гостува на „Инфомакс“ и таму соопштува информации за својата работа.

    Од кабинетот на Арсовска велат дека Митовска доаѓа на функцијата како „професионалец кој значително ќе придонесе во работата на Градот“.

    „Митовска била носител на високи раководни функции во Владата. Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник-министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции. Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година“, велат од Градот.

    Митовска (порано Ивчева) беше членка на ВМРО-ДПМНЕ во време на лидерот Љубчо Георгиевски, за да премине во Обединети за Македонија под раководство на Љубе Бошкоски, по што повторно се врати во ВМРО-ДПМНЕ.

    Во септември 2022, поткрепувајќи со документи „Фокус“ објави дека Митовска е една од надворешните соработници која од Град Скопје е ангажирана да го реализира проектот „Ритам на чаршијата“ во вкупна парична вредност од 22.764 евра во времетраење од една година, за хонорар од по 55.000 денари месечно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира