Володимир Зеленски во својата новогодишна порака вети дека Украина значително ќе го зголеми домашното производство на оружје, што вклучува и најмалку еден милион дронови.
И во првата ноќ од новата година имаше загинати низ Украина. Прорускиот гувернер на Доњецк, Денис Пушилин, кажа дека четири лица загинале во „масовно гранатирање“ на овој окупиран регион, додека едно лице загинало во руски напад со дронови во Одеса.
Додека војната се ближи кон третата година, Зеленски порача дека Русија оваа година ќе го почувствува гневот на украинското производство на оружје.
„Украина ќе произведе дополнителни милион дронови и очекуваме испорака на борбени авиони ‘Ф-16‘ од нашите западни сојузници. Нашите пилоти веќе ги усовршуваат овие авиони и дефинитивно ќе ги видиме на небото“, изјави Зеленски.
Тој призна дека пролетната противофанзива не била успешна како што се очекуваше, но ги повика западните сојузници да продолжат со поддршката за Украина. Вашингтон пред неколку дена го испрати последниот пакет воена помош засега, додека натамошна помош останува заглавена во Конгресот.