Бројни туристи претежно од Србија, Бугарија и Грција, но и домашни посетители го наполнија Охрид за новогодишните празници. Гостите ги наполнија терасите на кафулињата, уживаат во прошетките низ градот и на кејот на Охридското Езеро, но и во температурите кои се далеку над просекот за овој период од годината.
Хотелиерите и приватните станоиздавачи се задоволни од исполнетоста, велат дека ова е една од најдобрите години.
Неколку илјади гости ја дочекаа 2024 година во свечен амбиент на Градскиот плоштад со голем огномет и добра забава. Исполнети до последно место беа и угостителските објекти, каде што се славеше до раните утрински часови. Дочекот со свечена вечера во дел од хотелите чинеше од 40 до 80 евра.
Од СВР Охрид велат дека релативно мирно поминала новогодишната ноќ, со мал број интервенции на службите. На територијата на Охрид биле регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир, едно пред и едно во угостителски објект, при што се приведени две лица.
Службата за итна медицинска помош, пак, имала бројни интервенции, претежно поради труење со алкохол, особено кај малолетници.
С. ВРЕНЦОВСКА