Петмина луѓе се водат како исчезнати по денешниот судир на два авиона на пистата на аеродромот „Ханеда“ во Токио. Властите објавија дека во судирот учествувале патнички авион на јапонската авиокомпанија „Џапен ерлајнс“ и авион на домашната крајбрежна стража, што требало да носи помош за полуостровот Ното, тешко погоден во вчерашниот силен земјотрес.
Иако авионот се запалил по судирот по слетувањето, од „Џапен ерлајнс“ кажаа дека безбедно се евакуирани сите 367 патници и 12 членови на екипажот. Авионот пристигнал од Сапоро на островот Хокаидо. Сите летови на аеродромот се суспендирани.
Јапонските медиуми објавија дека во авионот на крајбрежната стража имало шестмина луѓе, од кои еден успеал да избега, додека останатите се водат како исчезнати. Авионот требало да лета за аеродромот во Ниигата.
„Се истражуваат околностите како дошло до несреќата“, соопшти крајбрежната стража.
Два часа по судирот, пожарникарите и натаму се обидуваат да го изгаснат пожарот на пистата.