Јапонија ќе отвори меѓународна истрага за вчерашниот судир на два авиона на пистата на аеродромот „Ханеда“ во Токио, во која се очекува да учествуваат и Франција и Велика Британија, производителите на уништениот патнички авион „ербас А350“.
Сите 379 луѓе од овој голем авион безбедно беа евакуирани, додека во другиот авион, кој ѝ припаѓал на јапонската крајбрежна стража, загинаа пет луѓе и само едно лице успеа да се спаси.
Беспрекорната евакуација на луѓето од авионот на „Џапен ерлајнс“ го воодушеви светот и експертите сметаат дека таа се должи на ригорозните тренинзи на посадата и доброто однесување на патниците. Еден од клучните фактори што немало жртви е што патниците излегувале од запалениот авион без багажот и личните предмети.
„На снимките не се гледа ниеден патник кој носи багаж со себе. Ако луѓето се обидувале да го земат својот кабински багаж, тоа ќе беше опасно и значително би ја успорило евакуацијата“, вели Ед Гелеа, директорот на Групата за безбедност од пожари на Универзитетот Гринич.
Тој вели дека состојбата на авионот ја направила евакуацијата уште потешка, зашто тој бил навален со носот надолу, што го отежнало движењето на патниците.
Само три лизгалки на надувување можеле да се користат за евакуација на патниците, но тие не биле правилно распоредени поради тоа како авионот слетал. Лизгањето било многу стрмно и затоа можело да биде опасно.
Од компанијата кажаа дека само еден патник имал модринки, а 13 побарале лекарски консултации поради физичка непријатност.