Неонацистот Андерс Брејвик кој уби 77 луѓе во Норвешка во 2011, ја тужи државата поради тоа што е сместен во изолација.
Брејвик, кој уби осум лица со автомобил-бомба во Осло и застрела 69 луѓе во летен младински камп, вели дека условите во кои е сместен ги прекршуваат неговите човекови права.
Норвешкото Министерство за правда вели дека тој мора да биде одвоен од останатите затвореници од безбедносни причини.
Адвокатите на Брејвик го известија Судот дека 44-годишникот повеќе не сака да живее.
„Тој е изолиран околу 12 години. Живее во целосно затворен свет. Тој не сака повеќе да живее“, изјави неговиот адвокат Оејштајн Сторвик на судското рочиште.
Брејвик исто така бара од судот да ги укине ограничувањата на неговата комуникација со надворешниот свет.
Брејвик беше осуден на 21 година – максималната казна што судот во Норвешка може да ја изрече, иако таа може да биде продолжена сѐ додека тој се смета за закана, за извршување на нападите на 22 јули 2011 .
Тој и претходно ги оспори условите на неговата казна, добивајќи дел од неговиот случај за човекови права против норвешката држава во 2016.
44-годишникот моментално го поминува своето време во дел само за него во затворот Рингерик – кој се наоѓа на брегот на езерото што го опкружува островот Утоја, каде што застрела 69 луѓе. Многумина од убиените на Утоја беа тинејџери вклучени во младинското крило на Норвешката Лабуристичка партија, АУФ.
Во затворот, Брејвик има пристап до соба за вежбање, кујна, ТВ-соба и бања, што го покажаа сликите од посетата на норвешката новинска агенција НТБ минатиот месец.
Адвокатите на Министерството за правда тврдат дека Брејвик ужива „широк опсег на активности“ како готвење, игри, прошетки, кошарка и студии.
Тие исто така велат дека неговата изолација е „релативна“ бидејќи има контакт со чувари, свештеник, здравствени работници и, до неодамна, волонтер кој Брејвик повеќе не сака да го види. Тој, исто така, се гледа со двајца затвореници по еден час секоја втора недела, велат адвокатите.
„Исклучително опасен затвореник бара вонредни мерки“, изјави Андреас Хјетланд пред судот во понеделникот.
„Тој сè уште е горд на она што го направи. Тој сè уште ги држи истите идеолошки ставови“, рече Хјетланд.
Судијата ќе донесе пресуда во наредните недели.
Брејвик неуспешно поднесе барање за условно ослободување во 2022 година.