РАБОТНИЦИ СЕ БАРААТ ПРЕКУ БИЛБОРДИ, НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД НЕВРАБОТЕНИТЕ СЕ НАД 50 ГОДИНИ И СО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

    РАБОТНИЦИ СЕ БАРААТ ПРЕКУ БИЛБОРДИ, НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД НЕВРАБОТЕНИТЕ СЕ НАД 50 ГОДИНИ И СО ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕБилборд со оглас за вработување на компанијата „Ван Хол“ која што се наоѓа во Технолошко индустриската развојна зона – Скопје 2, во Бунарџик. (Фото: СДК.МК)

    Странски компании бараат работници преку билборди на улиците на Скопје и другите македонски градови со постојано отворени огласи за вработување, додека во Агенцијата за вработување официјално се регистрирани над 100 илјади невработени кои активно бараат работа. Освен билборди на странски инвеститори во Македонија, работници од Македонија преку билборди почнаа да бараат и хрватски и словенечки компании.

    Наспроти ваквата ситуација на пазарот на трудот, во Агенцијата за вработување има десетици илјади македонски граѓани кои се без работи три, четири, па и повеќе години.

    Над 8 години без работа се 13.111 граѓани, од 5-7 години таа бројка е 10.265, 4 години на работа чекаат 16.628, на 3 години се без работа 14.400. Вкупно, без работа три или повеќе години се над половина од вкупно 102.744 невработени во земјата. Според старосната структура, 13.838 од невработените се над 60 години. 15.401 се од 55-59 години и 12.585 се од 50-54 години.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изминатата година во неколку наврати предупредуваше дека во Македонија има сè повеќе компании кои што укажуваат дека многу тешко можат да најдат работна сила од тоа што го има на располагање во Агенцијата за вработување. Дополнително, според него, празнина на пазарот на трудот е предизвикана од масовното иселување од државата.

    Како што вели тој, потребно е да се актуелните невработени да бидат преквалификувани или доквалификувани, а додека да се случи тоа, ќе биде потребно да се увезува работна сила. Најзагрозени од недостиг на работна сила се секторите градежништво, како и хотелиерство и туризам.

    Билборд со оглас за вработување на компанијата „Магна мехаторникс“ која што се наоѓа ТИРЗ Штип. (Фото: СДК.МК)

    Најмногу невработени има во Скопје, и тоа 21.684, по што следуваат Тетово (13.046), Куманово (10.876), Гостивар (7.998), Прилеп (6.050) и Струмица (4.692). Повеќе невработени има жени – 53.078, наспроти 49.666 мажи.

    Според национална припадност, 42.280 од невработените се Македонци, додека 39.570 се Албанци. 10.464 од невработените се Роми, а Турци се 7.071. Под илјада невработени има Срби, Бошњаци и Власи.

    Од невработените, 61.544 се без образование или со основно образование. 8.701 се со непотполно средно образование, а 24.606 се со средно образование. 758 се со више образование, 6.582 се со високо образование, а со 539 се магистри и 14 се доктори на науки.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира