Група вооружени мажи упадна во телевизиско студио во живо во Еквадор и му се закани на персоналот, покажуваат снимките. Директниот пренос на станицата ТЦ во градот Гвајакил беше прекинат од групата во качулки и со пиштоли. Персоналот беше принуден да седне на подот, пред да се прекине преносот во живо.
Вчера во Еквадор започна 60-дневна вонредна состојба, откако вчера исчезна од затворската ќелија најозлогласениот еквадорски криминалец Адолфо Мекиас Виламар, попознат како Фито, осуден водач на моќната банда Лос Чонерос. Мажите со качулки беа видени како излегуваат од студијата на ТЦ, а полицијата влезе на сцената околу 30 минути откако првпат се појавија вооружените напаѓачи. Националните полициски единици во Кито и Гвајакил се распоредени на местото на настанот.
Националните полициски сили на земјата објавија на Икс дека персоналот бил евакуиран од студиото. По инцидентот, претседателот Даниел Нобоа потпиша извршна наредба за прогласување внатрешен вооружен конфликт и наведе неколку организирани криминални групи како „терористички организации“ и „недржавни актери“.
Најмалку седум полицајци се киднапирани од членови на бандата од прогласувањето на вонредната состојба. Мерките беа воведени од претседателот Нобоа откако шефот на бандата Лос Чонерос вчера исчезна од затвор со максимална безбедност. Речиси 40 други затвореници, вклучително и уште еден осуден наркобос, избегаа од друг затвор во градот Риобамба во рано изутринава. Во оваа фаза не е јасно дали упадот на телевизијата е поврзан со бегството од затвор, но тоа е пример за влошената безбедносна состојба во земјата.