ПОЛСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ДУДА ПАК ЌЕ ГИ ПОМИЛУВА ДВАЈЦАТА ЗАТВОРЕНИ ОПОЗИЦИСКИ ПРАТЕНИЦИ, ЧИЈ СЛУЧАЈ ГО НАГЛАСИ ХАОСОТ ВО ПОЛСКОТО СУДСТВО

    ПОЛСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ДУДА ПАК ЌЕ ГИ ПОМИЛУВА ДВАЈЦАТА ЗАТВОРЕНИ ОПОЗИЦИСКИ ПРАТЕНИЦИ, ЧИЈ СЛУЧАЈ ГО НАГЛАСИ ХАОСОТ ВО ПОЛСКОТО СУДСТВОПретседателот Дуда се сретна со сопругите на двајцата затворени политичари (Фото: ЕПА)

    Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека планира по вторпат да ги помилува двајцата опозициски пратеници кои беа уапсени во неговата палата оваа недела, во обид да се намалат политичките тензии во земјата по промената на власта.

    Бившиот министер за надворешни работи Мариуш Камински и неговиот заменик Мацеј Васик почнаа штрајк со глад во затворот откако беа уапсени во вторникот. Двајцата пратеници од редовите на партијата Закон и правда (ПиС) минатиот месец беа осудени на две години затвор за злоупотреба на службената положба од периодот кога водеа антикорупциска агенција во 2007, но одбија да ја прифатат оваа одлука бидејќи Дуда ги помилува за тоа во 2015. Одлуката за помилувањето беше поништена од врховниот суд, додека Дуда продолжи да тврди дека таа е конечна.

    По средбата со сопругите на Камински и Васик, Дуда кажа дека ќе почне нова процедура за нивно помилување.

    „Реков дека ќе сторам сѐ за да ги ослободам најбро што може, за да можат повторно да бидат слободни луѓе, а не политички затвореници. Се надевам дека ова ќе ги смири тензиите во земјата“, изјави Дуда.

    Објавата на Дуда дојде за време на протестот на илјадници приврзаници на ПиС во Варшава, додека новата влада се обидува да промени низа спорни политики на своите претходници.

    Спорот околу Камински и Васик го нагласи хаосот кој владее во судството во Полска, откако промените што ги воведе ПиС создадоа двоен правосуден систем. Различни судови, а понекогаш и различни совети на истиот суд донесуваат контрадикторни пресуди во исти случаи. Така уставниот суд контролиран од ПиС пресуди дека врховниот суд погрешил што го укина помилувањето од Дуда.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира