БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ЗГОЛЕМЕН ЗА 24,8 ОТСТО ВО СПОРЕДБА СО ЛАНИ ОВОЈ ПЕРИОД

    БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ЗГОЛЕМЕН ЗА 24,8 ОТСТО ВО СПОРЕДБА СО ЛАНИ ОВОЈ ПЕРИОДИзминатата недела регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип, се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово. (Фото: К. Попов)

    Од 1 до 7 јануари се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, a во споредба со бројот за првата недела од типичната епидемиска крива од последните 13 сезони, бројот е зголемен за 68.8 отсто, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Бројката на заболени за наведениот период  е за 2.5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти.

    „Пријавената инциденца за првпат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип“, велат од ИЈЗ.

    Во однос на возрасната дистрибуција, 544 лица се на возраст од 15-64 години, 233 кај деца на возраст од 5-14 години, 185 кај деца на возраст од 0-4 години и 63 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години. Најмногу од пријавените се од Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и од Битола.

    „Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово, кои биле хоспитализирано во Клиниката за пулмологија и алергологија. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – кардиоваскуларни и белодробни и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Инфлуенца А(Х1)пдм09“, велат од ИЈЗ.

    Од Институтот потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување и препорачуваат вакцинација на целото население, особено напостарите лица – над 65 години, деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, како и здравствени работници.

    „За сезоната 2023/2024, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 60.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 15.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од ПИВИ . Заклучно со првата недела од оваа година во Македонија, вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина“, стои во извештајот на ИЈЗ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира