Развојната банка на Северна Македонија ќе им плаќа приватно здравствено осигурување на членовите на Управниот и Надзорниот одбор. Станува збор за седум членови, за кои приватното осигурување во рок од една година ќе чини 4.000 евра. Развојната банка е акционерско друштво во стопроцентна државна сопственост и членовите на Надзорниот одбор ги именува Владата, кои потоа ги бираат двајцата извршни директори. Главен извршен директор на банката е Кире Наумов, а главен оперативен директор е Фарук Исмаили.
Договорот за приватно здравствено осигурување е склучен во октомври лани со друштвото за осигурување „Халк осигурување“ АД Скопје и е со важност до октомври година. Според тендерската документација објавена на Бирото за јавни набавки, приватното осигурување покрива специјалистички медицински третман, операции, стоматологија и офталмологија, бременост и породување и тешки болести.
Извршниот директор на Развојната банка Кире Наумов на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто им се плаќа приватно осигурување на членовите на Управниот и Надзорниот одбор, одговори дека нема ништо спорно во ваквиот договор бидејќи „Развојната банка е акционерско друштво во државна сопственост која работи и функционира врз основа на Законот за банки, Законот за трговски друштва и Законот за Развојна банка на Северна Македонија односно остварува приходи и реализира расходи како и секое друго трговско друштво во државата и не е буџетски корисник“.
„Правото за приватно здравствено осигурување е едно од правата кое што е предвидено за членовите на Надзорниот одбор и Управниот одбор во член 365 од Законот за трговски друштва. Во овој член е предвидено дека членовите на НО и УО имаат право на надомест на сите трошоци поврзани со вршењето на нивната функција, меѓу кои и право на осигурување на живот и на друг вид на осигурување. Врз основа на ова е спроведена постапка за јавна набавка и склучен е договор кој се однесува само на членовите на НО и УО, а не и на нивните семејства. Банката согласно Законот за банки и останатите подзаконски прописи е обврзана да управува со сите видови на ризици во своето работење. Одлуката за приватно здравствено осигурување е донесена со цел намалување на ризикот од континуирано управување и раководење со банката предизвикан од здравствени проблеми“, ни одговорија во писмениот одговор од кабинетот на директорот Кире Наумов.
А. АНТЕВСКА