На 46 години почина Дејан Милојевиќ, поранешниот српски кошаркарски репрезентативец кој работеше како тренер во НБА тимот Голден Стејт вориорс. Милојевиќ почина еден ден откако претрпел срцев удар додека бил на вечера во Солт Лејк Сити. Тој веднаш бил превезен во болница, каде што итно бил опериран. НБА лигата го одложи вечерашниот натпревар помеѓу Голден Стејт и Јута.
Милојевиќ ја почна кариерата во Ташмајдан, а по освојувањето на златниот медал на Европското првенство за јуниори, премина во ФМП Железник. Потоа играше четири години за Будуќност и во тој период беше дел од селекцијата на Србија и Црна Гора која триумфираше на ЕП 2001 во Турција.
Настапуваше и за Партизан, Валенсија и Галатасарај, а играчката кариера ја заврши во 2009, по што премина во тренери. Откако се усовршуваше во камповите на НБА тимови, во 2021 доби шанса да работи во САД. Стана член на стручниот штаб на Голден Стејт, со кој втората сезона ја освои шампионската титула.