Сметам дека една партија предлага пат напред, а друга ветува дека ќе смисли начин како се придвижите напред, кажа Џејмс О’Брајан, помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, денеска во Скопје на лидерскиот состанок на Западен Балкан.
На заедничката прес-конференција со домаќинот на состанокот, премиерот Димитар Ковачевски, О’Брајан беше прашан дали се точни информациите дека меѓународниот фактор ги притиска албанските партии да потпишат нон пејпер дека се обврзуваат да не коалицираат со партија која што во следните шест месеци по изборите нема да ги спроведе уставните промени.
„Не знам ништо за тоа. Сметаме дека зависи од граѓаните на Северна Македонија да решаваат за патот понатаму. Сметам дека една партија предлага пат напред и прифаќа критики, затоа што на некои луѓе им се допаѓа или не им се допаѓа таа насока. Друга партија ветува дека ќе смисли начин со кој што ќе се придвижат напред и мислам дека е правично граѓаните на државата да ја прашаат таа партија за овој нон пејпер и тие да одлучат помеѓу визијата што ја знаат и она што се дава како ветување“, одговори О’Брајан.
Претходно на прес-конференцијата, тој рече дека „луѓето од оваа земја ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго“. Тој вели дека зависи од граѓаните да одлучат, а од гледна точка на САД, тие сакаат да ја видат земјата да стане дел од Европа колку што е тоа можно побрзо.
Прашан за црната листа на САД со македонски граѓани, тој рече дека „список си е список, тој секогаш еволуира“, а дека нивната цел е да видат промена во однесувањето на поединците на списокот и оние кои се поврзани со нив.
„Тоа е алатка од една поголема стратегија. Она што сакаме да го видиме е луѓето да се навикнат да ги користат сите алатки што им се на располагање за да се борат со корупцијата и да ја задржат таа посветеност при формирањето на новата влада“, кажа О’Брајан.