ЕУ Е СПРЕМНА ДА Ѝ ГО ОДЗЕМЕ ГЛАСАЧКОТО ПРАВО НА УНГАРИЈА АКО ПРОДОЛЖИ ДА БЛОКИРА ПОМОШ ЗА УКРАИНА

    ЕУ Е СПРЕМНА ДА Ѝ ГО ОДЗЕМЕ ГЛАСАЧКОТО ПРАВО НА УНГАРИЈА АКО ПРОДОЛЖИ ДА БЛОКИРА ПОМОШ ЗА УКРАИНАВо декември, Орбан ги блокираше напорите на ЕУ да испрати нова помош во Украина (Фото: Гети)

    Европските лидери го губат трпението со Унгарија која минатиот месец блокираше клучна помош од 50 милијарди евра за Украина, која наскоро ќе влезе во третата година од војната со Русија. За овој пакет повторно ќе се разговара следната недела.

    По долги години мек пристап кон унгарскиот премиер Виктор Орбан, европските дипломати се подготвуваат да ја активираат „нуклеарната опција“ и да ја исклучат Унгарија од гласачкиот процес ако таа продолжи да ја загрозува безбедноста на Украина, која доби статус на кандидат за членство во ЕУ. Станува збор за активирање на Членот 7, што е најсериозната политичка санкција за членка на Унијата и предвидува суспендирање на нејзиното право на глас при донесувањето одлуки во Брисел.

    „Тоа доволно јасно зборува колкава е довербата помеѓу Орбан и останатите лидери“, изјави еден функционер од Брисел, кој побара да остане анонимен.

    Петмина европски дипломати и функционери изјавија дека останатите членки на ЕУ се подготвени да повлечат историски потег против Унгарија, во услови кога Унијата се базира на кохезија и едногласност.

    „Ако Орбан и на самитот во февруари продолжи да го блокира договорот за буџетот и за помошта на Украина од 50 милијарди евра, користењето на Членот 7 за да ѝ се одземе гласачкото право на Унгарија ќе стане реална опција“, кажа еден дипломат.

    Во декември, Орбан ги блокираше напорите на ЕУ да испрати нова помош во Украина. Тој кажа дека ќе го тргне ветото само ако Брисел ги одблокира средствата за Унгарија кои беа замрзнати поради кршењето на владеењето на правото во земјата.

    Со години, Европската Унија се обидуваше да го скроти демократското назадување на Унгарија, задржувајќи ја помошта, додека земјата се оддалечуваше од либералните вредности на блокот. За возврат, Орбан користеше тактичко вето на широк опсег европски документи за да изнуди повеќе пари.

    „Европските лидери беа вовлечени во игрите на Орбан и почнавме да губиме. Време е Орбан да сфати дека Членот 7 постои“, изјави еден дипломат од Брисел.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира