СНИМАЊЕТО ФИЛМОВИ МИ Е ТЕРАПИЈА, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ РЕЖИСЕР ИЛКЕР ЧАТАК КОЈ ДОБИ НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР

    СНИМАЊЕТО ФИЛМОВИ МИ Е ТЕРАПИЈА, ВЕЛИ ГЕРМАНСКИОТ РЕЖИСЕР ИЛКЕР ЧАТАК КОЈ ДОБИ НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАРЧатак со „Наставничка канцеларија“ е меѓу петте номинирани во категоријата за најдобар странски филм (Фото: ЕФА)

    Германскиот режисер Илкер Чатак на 23 јануари ја доби првата номинација за Оскар – неговиот четврти филм „Наставничка канцеларија“ е меѓу петте номинирани во категоријата за најдобар странски филм. На почетокот на месецов, филмското списание „Варајети“ го вброи 40-годишниот Чатак меѓу десетте режисери кои треба да се следат во 2024.

    Роден во Берлин, син на турски емигранти, Чатак дебитира во 2017 со „Беше еднаш во индиската земја“, во 2019 следи „Бев, сум и ќе бидам“, а во 2020 „Стамболската градина“. „Наставничка канцеларија“, во кој игра младата европска ѕвезда Леони Бенеш, е приказна за млада наставничка во основно школо полна со ентузијазам за образованието и за учениците која ќе се обиде да го реши случајот со школска кражба, но ќе се судри со застојаната институција и предрасудите. Ова е и најуспешен филм на Чатак, беше номиниран за Европските филмски награди, доби кинодистрибуција во САД и како германски кандидат влезе во оскаровската трка.

    Со Чатак за САКАМДАКАЖАМ.МК разговаравме во Берлин на 9 декември, на денот на доделувањето на 36. Европски филмски награди. На почетокот се извини што е многу уморен, зашто дента се вратил од Лос Анџелес каде морал да оди на само 2 дена оти дистрибутерот „Сони“ го повикал за промоцијата на филмот. „А како да му кажеш не на ‘Сони’?“, се пошегува.

    Се изненади дека дава интервју за македонски медиум: „Еј, баш добро, никогаш не сум дал интервју за Македонија!“

    • Во вашиот филм впечатлив е судирот на младата наставничка со образовната институција. Дали сметате дека институциите, особено оние во образованието, ја кријат својата неефикасност зад политичка коректност?

    – Не, секое училиште во кое одевме за време на истражувањето за филмот беше различно. Секое училиште има различни политики. Значи, има училишта кои се многу либерални, кои многу се трудат да бидат на високо ниво со студентите. А, има и училишта кои се на многу ниско ниво или кои дури имаат надзор во училиштето. Значи, многу е тешко да се генерализираат институциите. Но, постои една работа за која знам, што мислам дека е проблем за сите наставници во денешно време, е тоа што студентското тело има многу, многу повеќе моќ отколку што имаше порано. И поради работи како што се групите на ВоцАп и е-поштата и брзата комуникација, мал инцидент може да стане голем ураган. На времето, кога одев на училиште моите родители ми викаа дека ако наставничката вели така, тогаш мора да е правилно. Сега е сосема спротивно. Сега наставниците се под многу поголем притисок. А кога ученикот ќе добие лоша оценка, тогаш ќе дојде родителот кај нив и ќе каже, нели е ова твоја работа? Зошто моето дете добива лоша оценка? Ваша одговорност е да ги направите добри. И ова е нешто каде што целата работа е базирана на услуги и  води кон нешто што јас не го одобрувам.

    А дел од ова е и политичката коректност, се разбира.  На пример, предавав во филмската школа минатата недела. Навистина, само се обидував да го пренесам она што го знам и она што сум го научил од снимањето на четири филмови досега. И почувствував некакво непријателство од студентите. На пример, еден ден бев таму со мојата кинематограферка Џудит Кауфман. Има 62 години, неверојатна кинематограферка. Таа го посвети целот свој живот на снимање филмови од феминистичка гледна точка и е неверојатна личност. И таа им покажува снимена сцена на студентите. И по сцената, една студентка станува и вели, зошто не добив предупредување за вознемирувачка содржина? Зошто не бев предупредена за вознемирување? И се спакува и си замина од часот. А сцената не е ни толку вознемирувачка. Но, во денешно време учениците очекуваат од вас како наставник да бидете свесни за сите нивни чувствителности. Дури и ако тие чувствителности се вистински, како ќе знам колку си чувствителен?

    Леони Бенеш е чудо. Секогаш е опуштена, но и многу фокусирана. И тоа поврзано со овој неверојатен талент за мене како режисер е само подарок; – Бенеш и Чатак на доделувањето на Европските филмски награди во Берлин. (Фото: СДК.МК)

    • А зошто би требало да знаеш, пред сѐ, зашто уметноста е она што е битно. Уметноста и треба да те натера да се почувствуваш нелагодно, нели?

    – Точно, да. И, исто така, целиот живот е предупредување за вознемиреност. Апсолутно. Значи, ова е малку проблем во денешно време. Мислам дека ова е нешто со кое треба да се справат наставниците. И тоа е исто така причината зошто многу луѓе повеќе не се занимаваат со оваа професија. Германија има голем проблем со регрутирање нови наставници. Во оваа земја недостигаат 25.000 наставници. И никој не сака да ја работи оваа работа затоа што не е добро платена. Работното време е срање. Не знаеш што добиваш, не знаеш во кое училиште ќе одиш. И според мое скромно мислење, тоа  е професија која има потреба од поголема почит. Потребно е поголемо вреднување.

    • Леони Бенеш е перфектна во улогата на наставничката. Како работите со актерите, дали имате долги проби пред снимањето?

    – Не, немаме премногу проби. Но, сакам да разговарам со актерите. И не само за сцената, туку и за животот воопшто, за работата, за она што нè води, а исто така и за стравовите што ги имаме. Се сеќавам со овој филм, имавме ден на проба со целиот возрасен ансамбл, односно сите наставници, не децата. И седнав со нив и им реков, дечки, некако не ми се држи проба за сцената, сакам да зборувам за нешто друго. Сакам да ве прашам, да зборуваме за вашите најголеми стравови во оваа професија. Ќе започнам со тоа што мојот најголем страв е да направам филм од кој вие ќе се срамите. Тоа е мојот најголем страв. И тогаш тие почнаа да зборуваат. Мислам дека кога ќе ги натераш актерите да се отворат емотивно, тогаш сцените ќе дојдат сами по себе. Ќе се отворат. Има поинаква доверба. Така што, моите проби се за градење доверба. А Леони е чудо. Јас едвај и да зборував со неа. Ѝ го дадов сценариото. Таа рече дека сценариото е одлично, не ѝ требаат никакви информации, ни контекст, ни што и да е. Таа ќе дадеше предлог, јас ќе речев одлично, да продолжиме понатаму. И таа секојпат ќе одглумеше точно како што треба. Не сакам да кажам дека таа е неверојатно талентирана, бидејќи талентот е нешто што го имаат многу луѓе. Но, таа знае како. Мислам дека добрата глума доаѓа кога, од една страна сте многу концентрирани, а од друга страна сте многу опуштени. А потоа, тука е оваа слатка точка на релаксација и концентрација. А Леони е најдобра во тоа. Никогаш не сум видел такво нешто. Секогаш е опуштена, но и многу фокусирана. И тоа поврзано со овој неверојатен талент за мене како режисер е само подарок.

    Мислам дека со филмовите се обидувам да дофатам малку разбирање за светот, вели Чатак. (Фото: СДК.МК)

    • Каков е вашиот процес на работа, дали го фиксирате сценариото или го менувате при снимање?

    – Никогаш не фиксирам ништо. Многу ми е тешко да кажам, во ред, ова е доволно добро. Сценариото го пишувам три пати прво во фазата на пишување. А потоа на снимањето повторно го пишувам или допишувам. Кога актерите ме прашуваат дали може да ги сменат репликите, јас сум многу отворен за тоа. Филмот одново се пишува и во фазата на монтажа, се разбира, каде што повеќето работи што сте ги напишале или режирале се елиминираат. За да можете да дојдете до некаква суштина на нештата.

    • Дали сценаристот во вас се судира со режисерот?

    – Не, за мене тоа е многу ослободувачко искуство. Кога работам со други писатели или кога работам со материјали од други писатели, чувствувам еден вид товар да останам доследен на тоа или да не го менувам. А кога пишувањето е моја работа, можам само да бидам слободен. Можам да си речам ова е срање, она не функционира, фрли го. А кога работам со материјал од друг писател, поверојатно е да кажам, ајде да се обидеме да направиме ова да функционира. Така што, со свој материјал чувствувам поинакво ослободување.

    • Како знаете дека сцената или материјалот е добар, која е пресвртната точка кога престанува сомнежот во себеси?

    – Секогаш се справувам со многу несигурности. Никогаш не знам дали е добар сѐ додека филмот, всушност, не биде прикажан на публиката. Тоа е многу тежок процес. И со текот на годините, мислам дека научив оти, едноставно, морам да се справам со овие несигурности, зашто тие се тука. Само треба да му верувам на фактот дека ја работам оваа работа веројатно затоа што не сум премногу лош во тоа. И се трудам да дадам сѐ од себе. А исто е и со секој шеф на оддел и секој актер, сите се трудат да го дадат својот максимум. Понекогаш правиш филм кој е одличен. Понекогаш правиш филм кој можеби не е толку одличен. Има одлична изрека од Енди Ворхол, вели, не знам дали е тоа уметност или не, оставам другите да одлучат, а во меѓувреме, јас само продолжувам да правам уметност.

    Што се обидувате да дофатите со својата уметност?

    – Мислам дека се обидувам да дофатам малку разбирање за светот. Се обидувам да разберам нешто за светот. Најчесто тоа е пребарување, бараш нешто. Бараш подлабока вистина. Се обидуваш да го пробиеш површното. Тоа е нешто што е длабоко филозофско, а исто така ја допира суштината на животот. За мене е и терапија снимањето филмови. Затоа што кога снимаш филм, ти си под притисок – се гледам себеси како донесувам одлуки под притисок и постапувам на одреден начин. Тоа те учи толку многу за себеси и за работите со кои се занимаваш и со секој филм се нурнуваш во сосем нов свет. Мислам дека тоа е само љубопитност кон животот што можам да го истражам со оваа професија. Но, се разбира, секогаш се бориш против сопствената просечност. Така што, бегаш, цело време бегаш. Само се обидуваш да продолжиш понатаму и да не се занесуваш. Како монах или војник. Само продолжи да работиш. Ништо премногу.

    • Работите ли на нов филм?

    – Да, ќе снимаме во мај. Тоа е приказна што ја почнав да ја пишувам со жена ми, а потоа ја презедов. Станува збор за уметничка брачна двојка од Анкара. Таа е драматург, ѕвезда на Народниот театар, а обајцата се многу познати како интелектуалци. И наеднаш губат работа, никој не знае зошто. Одеднаш веќе не заработуваат пари, а имаат ќерка која треба да оди на училиште. Државните школи се сосема сомнителни дека се под политичка агенда, а приватните училишта се многу скапи. Значи, тие се соочени со изборот дали треба да ги распродадат своите идеали или не, како родители и како уметници.  Филмот е за брак, за уметност, за политика, така нешто.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира