ОБВИНИТЕЛИТЕ АРТАН АЈРО И ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПРЕДЛОЖИЛЕ АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ДА ИМ ГО УКИНЕ КУЌНИОТ ПРИТВОР НА БЕКИМ НЕЗИРИ И НА АЛМИР РАМДЕДОВИЌ, КОЈ ИМ ЈА КРЕНАЛ РАМПАТА ВО М-НАВ НА НАСИЛНИЦИТЕ

    ОБВИНИТЕЛИТЕ АРТАН АЈРО И ЈОВЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПРЕДЛОЖИЛЕ АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ДА ИМ ГО УКИНЕ КУЌНИОТ ПРИТВОР НА БЕКИМ НЕЗИРИ И НА АЛМИР РАМДЕДОВИЌ, КОЈ ИМ ЈА КРЕНАЛ РАМПАТА ВО М-НАВ НА НАСИЛНИЦИТЕНејасно е зошто ако немало докази, Апелациониот суд не им ги вратил и пасошите на Незири и Рамдедовиќ и не им ги укинал останатите мерки на претпазливост. - Беким Незири (Фото: Принтскрин од видео на 24 вести)

    Место да застанат на страната на колегата основен обвинител, вишите обвинители Артан Ајро и Јове Цветановски на Апелациониот суд му предложиле да им ги тргне и мерките куќен притвор на осомничените напаѓачи Беким Незири од ДУИ и Алмир Рамдедовиќ, кој ја крена рампата на 4 јануари да влезат 6 насилници во М-НАВ.

    Цветановски и завчера беше во „спасувачка мисија“ пред Апелациониот суд Скопје, кога го повлече обвинението за противправно градење против Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа.

    Беким Незири и Алмир Рамдедовиќ се осомничени за тешко кривично дело Загрозување на воздушниот сообраќај, за кое предвидената затворска казна е минимум 5 години.

    Откако обезбедувачот на рампата на Македонска навигација (М-НАВ) Алмир Рамдедовиќ ја кренал рампата, без проблем со две возила влегле Беким Незири и уште шестмина насилници. Со службената картичка, Незири им ги отворил вратите на насилниците во три безбедносни нивоа, вклучувајќи ја и таа во радарската соба за контролирање на летовите.

    Насилниците го нашле и го извлекле контролорот на летање додека работел и го истепале затоа што дал поддршка на протестот на колегите од Синдикатот на контролорите на летање.

    Апелациониот суд Скопје вчера донел Решенија со кои жалбите на осомничените ги уважил, а решенијата на кривичниот совет на првостепениот суд ги преиначил, со тоа што мерката куќен притвор ја укинал, а ги оставил во сила определените мерки на претпазливост, кои во овој момент претставувале доволна гаранција за обезбедување на присуството на осомничените.

    Судот оценил дека основниот обвинител не приложил докази, ниту истакнал факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту навел околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат.

    Нејасно е зошто ако немало докази, Апелациониот суд не им ги вратил и пасошите и не им ги укинал останатите мерки на претпазливост.

    „При одлучувањето овој суд ги имаше предвид и дадените предлози на Вишото јавно обвинителство Скопје со кои се предлага да се уважат жалбите на осомничените“, напиша Апелациониот суд Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира