И покрај поскапувањето на регистрацијата на брак надвор од матично за 40 насто, во повеќе градови во Македонија не стивнува интересот за регистрација дома, во ресторан или на друго место надвор од службените простории. Таков е случајот и во Штип, чие матично веќе има закажано дваесетина такви регистрации, откако лани ги имало 70.
Од 1 февруари важи новиот тарифник на Управата за водење матични книги за склучување брак надвор од службените простории. Стариот тарифник предвидуваше во работните денови услугите до 10 километри да чинат 3.368 денари, а по 16:30 часот, 3.736 денари. Новиот тарифник за истата оддалеченост предвидува цена од 4.765 денари, а по 16:30 часот, 5.242 денари. За викендите и празниците, тарифата е зголемена од 7.472 на 10.484 денари, што со одредени такси стигнува до 10.500 денари.
Директорот на Управата за водење матични книги, Емир Сулејмани, смета дека регистрациите надвор од матично се луксуз и пред неколку дена објасни дека цените се прават според Правилник за работа донесен во 2013, заснован на зголемувањето на просечната бруто плата во државата.
Штипските матичари велат дека овие денови им закажале неколку регистрации за брак во потоплите месеци, најчесто за мај, јуни и јули.
„Две венчавки надвор од матично имавме минатиот викенд и младите се многу среќни. Без приговор плаќаат колку треба“, вели штипскиот самостоен референт-матичар Тони Станков, кој на ова работно место е 25 години.
Неговата колешка Виолета Ефтимова вели дека минатата година имало 70 регистрации на брак надвор од службените простории. Не знае дали со новата тарифа ќе се намали овој тренд, иако засега и натаму постои интерес.
Единствените двајца штипски матичари додаваат дека не можат да стасаат за сите услуги што се бараат во едно вакво големо градско подрачје како што е матичното во Штип. Во нивна надлежност е издавањето изводи од матичната книга на венчани, родени и умрени, а издаваат и разни меѓународни изводи. Велат дека имаат уште една колешка, но таа била задолжена за подрачјето на Општина Карбинци.
Од тарифата што се плаќа за регистрација надвор од матично, матичарите добиваат по 300-400 денари, па затоа бараат значително да се зголеми овој надомест, посебно за регистрации попладне и во вечерните часови.
За венчавање во службените простории во Штип, странките плаќаат 500 денари за користење на салата за регистрација и 150 денари за изводот. Во 2023, во Штип имало 330 регистрации на брак во службените простории.
Т. ЈОВАНОВСКИ