На Европа ќе ѝ требаат десет години за да биде целосно подготвена да се брани, изјави шефот на најголемата германска компанија за оружје „Рајнметал“, Армин Папергер. Тој вели дека складиштата на муниција се моментално празни.
Тој ја даде оваа изјава при посетата на канцеларот Олаф Шолц на Долна Саксонија, каде што почна да се гради нова голема фабрика за оружје. „Рајнметал“ кажа дека ќе инвестира над 300 милиони долари во оваа фабрика, која ќе произведува 200.000 гранати годишно.
„Ќе ни треба долго време да се подготвиме против агресор кој сака да војува против НАТО. Би биле добри за три-четири години, но за да бидеме целосно спремни, ќе ни требаат десет години. Мора да произведеме 1,5 милиони гранати во Европа“, изјави Папергер.
Тој кажа дека голем дел од европската муниција е испратен во Украина, со што останало малку во залихите.
„Сѐ додека имаме војна, мора да ѝ помагаме на Украина, но потоа ќе ни требаат пет до десет години за да ги наполниме нашите залихи“, рече тој.
Шолц одби да коментира дали го загрижуваат изјавите на Доналд Трамп, кој пред неколку дена откри дека во една ситуација рекол дека би ѝ дозволил на Русија да нападне членка на НАТО која не ги исполнува своите финансиски обврски. Во 2023, Германија беше меѓу повеќето членки на НАТО кои не издвојуваа 2% од својот БДП за одбраната, на што инсистираше Трамп додека беше претседател на САД.
„НАТО е суштината на САД, Канада и европските држави и се придржуваме до тоа, па така и претседателот на САД. Владимир Путин покажа царски амбиции и ако сакаме мир, мора успешно да го одвраќаме агресорот“, изјави Шолц.