Повеќе од три месеци на кружниот тек во центарот на Штип се вее скинато македонско знаме, спуштено на половина јарбол, кој е висок 30 метри. Покрај граѓаните, на ваквата состојба со знамето укажуваат и службите во Општина Штип, кои неколкупати се јавувале во Државната служба за општи и заеднички работи, но досега проблемот не е надминат.
Дознавме дека последниот тендер за одржување на јарболите со знамињата во Македонија го има добиено фирмата „Бигор“. Одговорните за оваа проблематика рекоа дека во наредните денови ќе пратат екипа и кран за да се замени искинатото знаме и ќе се изврши проверка на останатите јарболи во градот.
Ова не е првпат да се кине знамето на најголемиот јарбол во центарот на Штип поради временските прилики.
Ставањето јарболи низ Македонија започна во 2010 како проект на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, со цел подигање на националната свест. Тогаш еден јарбол чинел 7.000 евра.
Т. ЈОВАНОВСКИ