Дел од дивоградбите во Битолско што чекаат легализација се изградени на несоодветни места, како на пример среде пат или крај река, и не се безбедни. Немаат согласност од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и еден ден може да нѐ снајде она што се случи во Туција, рече советничката од ДОМ во битолскиот Совет, Анастасија Трајковска, која по професија е инженер архитект. Темата за тоа дали Советот треба да дозволи вклопување на бесправно изградени објекти во урнистичко-планска документација предизвика бурна дискусија на последната седница на Совет во Битола.
Беше дадено зелено светло да продолжи понатамошната процедура за легализација на објекти во Битола и во десетина околни села. „За“ гласаа советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку, а против беа ДОМ и Левица.
„Точно е дека законот дава можности за легализација, но сите треба да бидеме свесени дека овие објекти немаат градежно- конструктивен проект. Немаат согласност од ИЗИИС и еден ден може да нѐ снајде она што ја снајде Турција. Сите објекти легално направени имаат градежно- конструктивен проект, имаат мислење од ИЗИИС, поминуваат низ разни филтри, а со овие легализирани објекти се направи голем упад во урбанизмот, дел се на сред пат или покрај реки, немаме никаква сигурност дека се стабилни“, рече советничката Трајковска.
Гаврил Трајковски од Левица изјави дека стана континуитет да се легализираат бесправно изградени објекти во Општина Битола, но дека тие нема да поддржат вакво „безумие“.
„Продолжува легализирањето на хациендите на лица блиски и до ВМРО-ДПМНЕ и до СДСМ. Јасно е релативизирањето на овие прашања од страна на двете политички партии, намерно ги ставаат во ист кош и нивните хациенди и камбанариите од некои цркви и и некои трошни куќи за да има легитимитет тој процес“, рече Трајковски.
Борче Корлевски од СДСМ изјави дека како Совет немаат надлежност да ја стопираат легализацијата, ниту да дадат дозвола, зашто тоа го дозволува Законот за легализација од 2010 година. Советот само ги разгледува ваквите барања.
„Ние ги поминуваме согласно процедурите на Комисија за урбанизам и потоа на Совет. Може и градоначалникот да не ги потпише на крај. Затоа не треба во јавноста да создаваме фама дека се хациенди. Кога се работи за објекти кои чекаат 12 години легализација, не е коректоно да велиме дека некоја трошна куќа што бара согласност за легализација, кат или балкон се хациенди. Легализацијата не оди туку така. Прво се слика објектот, треба да изработи елаборат за градба, да се добие мислење од ИЗИИС и на крај да помине на Совет“, рече Корлевски.
Претседателката на Советот Габриела Иливеска од Поинаку изјави дека Советот не смее да ги занемари правата на граѓаните зашто објекти кои чекаат 12 години легализација, не добиле одговор.
„Има предмети кои се заглавени со години, а граѓаните не добиле ни негативен одговор па да можат да се жалат, ни позитивен за да легализираат. Советот не може да се става меѓу граѓаните и оној кој треба да го даде завршниот збор. Ако има нешто спорно стручните служби и градоначалникот може да не дадат дозвола. Но, ние како Совет имаме обврска да ги разгледаме зашто на граѓаните им велат во Советот не сакаат да ги стават на дневен ред, што не е точно“, рече Илиевска.
Директорот на ИЗИИС Влатко Шешов во поткастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Законот за легализација на дивоградби е најголема небулоза и овие објекти се најризични при земјотреси. Посочи дека сега дивоградбите се легализираат со сметки за струја и геодетски проект за квадратурата што не е доволно за да се гарантира за безбедност на објектот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА