ПОТВРДЕНА СМРТТА НА НАВАЛНИ, ВЛАСТА НЕ Ѝ ГО ДАВА ТЕЛОТО НА МАЈКА МУ, РЕЧЕ НЕГОВИОТ ТИМ

    ПОТВРДЕНА СМРТТА НА НАВАЛНИ, ВЛАСТА НЕ Ѝ ГО ДАВА ТЕЛОТО НА МАЈКА МУ, РЕЧЕ НЕГОВИОТ ТИМНавални починал во 14:17 часот по локално време на 16 февруари во сибрскит затвор, според документот даден на мајка му Људмила, но не е наведена причината за смртта. (Фото: АП)

    Тимот на Алексеј Навални ја потврди смртта на рускиот политички активист и повика неговото тело „веднаш“ да биде вратено на неговото семејство. Навални (47), кој издржуваше 19-годишна казна во далечен затвор на Арктикот, починал во 14:17 часот по локално време на 16 февруари, според документот даден на неговата мајка Људмила, изјави портпаролката на Навални, Кира Јармиш. Но, не е наведена причината за смртта, а неговиот тим повика неговото тело веднаш да биде вратено на неговото семејство.

    Тимот на Навални тврди дека неговото тело е намерно задржано од руската влада. Јармиш кажа дека вработен во затворската колонија реколоти телото на Навални било однесено во блискиот град Салехард како дел од истрагата за неговата смрт. Кога адвокатот и мајката на Навални ја посетија мртовечницата во Салехард, таа беше затворена, рече тимот на Навални, пишувајќи на нивниот канал на Телеграм. Адвокатот се јавил во мртовечница и му било кажано дека телото на Навални не е таму. Друг од адвокатите на Навални отиде во Истражниот комитет на Салехард и му беше кажано дека причината за смртта на Навални сè уште не е утврдена и дека се прават нови истраги, а резултатите ќе бидат објавени следната недела, рече Јармиш.

    Јармиш, изјави за „Би-Би-Си“ дека тимот на Навални верува оти Владимир Путин ја наредил смртта на активистот, кој беше најпознатиот критичар на рускиот претседател.

    „Сигурно знаеме дека тоа не беше само смрт, тоа беше убиство.Тие се обидуваат да покријат траги, затоа телото не му го даваат на неговото семејство и затоа само го кријат од нив“, рече Јармиш и додаде дека не знае каде е телото и кога ќе му биде дадено на семејството на Навални.

    Таа објасни дека според руските закони, телото на затвореникот треба да им се даде на роднините во рок од два дена по смртта.

    Руската Федерална казнена служба соопшти дека на Навални му се слошило по прошетка и се онесвестил во казнената колонија во градот Харп, во регионот Јамало-Ненец, на околу 1.900 километри североисточно од Москва. Пристигнала брза помош, но тој не можело да се оживее. Причината за смртта сè уште „се утврдува“, се вели во соопштението.

    Шефот на британската дипломатија, лорд Дејвид Камерон, рече дека „треба да има последици“ по смртта на Навални и дека Британија ќе преземе мерки. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги отфрла „пристрасните и нереални“ проценките на Велика Британија за причината за смртта на Навални.

    Во многу земји во близина на руските амбасади се одржаа протести и бдеење по смртта на Навални, а во Русија се уапсени над 200 луѓе и растурени се местата каде се оддаваше почит.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира