ПРИЈАВА ДО СУД ПРОТИВ ДАНИЦА ЧАДИЕВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ВЛАДИНА КОМИСИЈА, ЗА ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ВРАБОТЕН КОЈ НЕ РЕШИЛ ПРЕДМЕТ КАКО ШТО МУ НАРЕДИЛА

    ПРИЈАВА ДО СУД ПРОТИВ ДАНИЦА ЧАДИЕВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ВЛАДИНА КОМИСИЈА, ЗА ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ВРАБОТЕН КОЈ НЕ РЕШИЛ ПРЕДМЕТ КАКО ШТО МУ НАРЕДИЛАОткако претседателката Чадиева незаконски го избркала раководителот од работа, Граѓанскиот и Апелациониот суд екпресно го вратиле на работа. - Чадиева на митинг на СДСМ (Фото:СДСМ)

    Даница Чадиева, претседателка на владината Второстепена комисија која неодамна е реизбрана на функцијата, доби пријава до суд од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, зашто не го врати на работното место службеникот што ја пријави дека го брка од работа и го вознемирува со години.

    Според историјатот на предметот, објавен на веб-страната на Комисијата за антидискриминација, Чадиева на вработениот му се одмаздува зашто не одлучил по предмет како што таа му наредила да го реши.

    Од почетокот на јануари Комисијата чекаше податоци од МВР за Даница Чадиева за да ѝ поднесе прекршочна пријава до Кривичниот суд Скопје. Таа во предвидениот рок не само што не постапила по мислењето на Комисијата, туку и ја известила дека нема да ја послуша.

    Се работи за класичен случај на изживување на претпоставен(а) со државен службеник, во случајов долгогодишен професионалеци раководител во Државната комисија за одлучување во управна постапка и во постапка од работен однос во втор степен, позната како владина Второстепена комисија.

    Откако минатата година овој раководител ја пријавил по повеќе основи и доставил конкретни докази против претседателката на комисијата Чадиева, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила вознемирување од пријавената, врз основа на лично својство и општествен статус во областа на работата и работните односи, на вработен кој се спротивставил на нејзината наредба.

    Пријавителот се пожалил до КСЗД дека претседателката со решение му го прекинала работниот однос, односно своеволно го избркала од работа, зашто му наредила да одбие жалба во предмет, а тој ѝ се спротивставил бидејќи сметал дека нема законски основ за одбивање. Поради ова, на 12 јануари 2020 година го избркала од работа, преку дисциплинска постапка.

    Овој искусен државен службеник со 25 години работен стаж, од кои 16 години на непрекината раководна функција во Второстепената комисија, веднаш поднел тужба, а Граѓанскиот суд Скопје донел пресуда веднаш да биде вратен на работа. По него, и Апелациониот суд донел правосилна судска пресуда избрканиот службеник да биде вратен на работа.

    Претседателката Чадиева морала да го врати назад на раководно место, но само во период за да се спроведат пресудите. На 14 март 2023, таа со ново решение го тргнала од работното место, го симнала три ранга подолу без никаков оглас, и следствено на новото место советник, му ја намалила платата.

    Освен тоа, наведува КСЗД, кога оштетениот поднел барање за годишен одмор, генералниот секретар во Второстепената комисија донел решени да не му одобри. Дискриминираниот службеник поднел жалба до Агенцијата за администрација, која одбивателното решение веднаш го поништила. Пак Второстепената го одбива, пак Агенцијата застанува на страната на службеникот и носи обврзувачка одлука дека има право на годишен одмор.

    Решението на Агенцијата до денешен ден Чадиева не го спроведува.

    Дискриминацијата продолжила понатаму. Додека сите вработени добивале пропусница за отсуство од работа двапати во месецот во траење од два часа, на пријавителот претседателката во август годинава не му давала таква дозвола. Од техничката секретарка усно му било кажано да престане да доаѓа и да ја замара.

    Негативното однесување кон него продолжило. Во океан-системот во салата каде што работеле сите вработени, само неговото биро било поставено спротивно од сите останати, за да можело да му гледаат во мониторот што работи. Кога се затекнале во просторијата за умножување на материјалите, Чадиева донела одлука итно да биде тргнат од големата просторија заедно со вработените, го преместила во компјутерскиот центар, во просторија со еден вработен и со технички помагала.

    Кога на 5 октомври дискриминираниот човек дошол во КСЗД да ја дополни претставката со овие нови моменти, се пожалил дека дискриминацијата и вознемирувањето продолжило и кога тој конечно отишол на годишен одмор.

    „Поконкретно, претседателката на состанок на вработените им упатила закани дека по нејзиниот престанок на мандатот ќе ги остави без плата и придонеси, а со тоа и без здравствено осигурување. Со тоа што нема да овласти лице кое би било потписник. За ова во негативна конотација го спомнала името на пријавителот, па дала објаснување дека судскиот спор го добил затоа што таа не ургирала во судот. А судот, само поради неговата возраст, му го уважил тужбеното барање и го вратил на работа, иако бил виновен“, ги објави КСЗД заканите на претседателката за кои обезбедил докази човекот кого го вознемирувала.

    Но и покрај тоа што сето ова вознемирување го утврдила Комисијата за заштита од дискриминација, парламентарното мнозинство кон крајот на ноември ја реизбрало Чадиева за претседателка во нов мандат.

    Нападите кон службеникот се интензивирале.

    Само на овој службеник претседателката му забранила да се качува на катот кај што била нејзината канцеларија, а каде всушност биле вработените. Освен ваквата физичка сегрегација, тој навел дека бил сегрегиран и во однос на видот на предметите за работа, па додека останатите колеги работеле различни видови предмети од различни странки, тој работел предмети само од една странка.

    Дискриминираниот раководител и натаму е во собчето под казна, ништо не е сменето и исполнето од она што го побара КСЗД од Чадиева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира