ВО ЗДРАВСТВОТО НЕМА БАЛАНСЕР, СТРУЧНОСТА Е НА ПРВО МЕСТО, ВЕЛАТ ОД ЗДРАВСТВЕН ДОМ КУМАНОВО ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВРАБОТУВА САМО АЛБАНЦИ

    ВО ЗДРАВСТВОТО НЕМА БАЛАНСЕР, СТРУЧНОСТА Е НА ПРВО МЕСТО, ВЕЛАТ ОД ЗДРАВСТВЕН ДОМ КУМАНОВО ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ВРАБОТУВА САМО АЛБАНЦИВо Здравствен дом Куманово, на огласот од 6 декември 2023, за доктори по стоматологија се примени 100% Албанци, а на огласот за сестри од 12 дури 9 се од албанска националност.(Фото: СДК.МК)

    Во Здравствениот дом во Куманово на последниот оглас се вработени 12 медицински сестри и двајца доктори по стоматологија, од кои само три медицински сестри се од македонска националност, додека останатите се Албанци. Вработени во институцијата испратија писмо до медиумите во кое тврдат дека случајот со јавниот оглас во болницата во Гостивар каде беа примени исклучиво Албанци, се повторува и во Кумановскиот здравствен дом.

    „Во ЈЗУ Здравствен дом Куманово, на огласот од 6 декември 2023 година, за доктори по стоматологија се примени 100% Албанци, а на огласот за сестри од 12 дури 9 се од албанска националност. Примените кандидати се примени без претходно објавување на ранг листа, спротивно на балансерот при што се ускратени правата на кандидати Македонци, доктори на стоматологија и е нарушена правичната застапеност. Кандидатите Македонци на полагањето биле оделени од кандидатите Албанци во посебна просторија. Кандидатите Албанци по кажување на членовите од комисијата воопшто се немаат појавено на полагањето“, се вели во дописот пратен до медиумите.

    Од Здравствен дом Куманово ги отфрлаат сите обвинувањата и тврдат дека нестанува збор за случај на етничко или партиско вработување, туку исклучиво за стручни луѓе, бидејќи балансерот не важи за вработување на медицински лица поради спецификата, одговорноста и тежината на работните обврски.

    „Медицинските сестри кои добиваат решение на неопределено работно време веќе неколку години работат по договор на дело. Голем дел од товарот во ковид кризата го понесоа токму тие, заедно со постарите колеги, докажаа стручност, професионалност, етика и се покажаа како вредни во досегашната неколкугодишна работа“, велат од Здравствен дом Куманово.

    Тие велат дека ранг-листата е јавно истакната и секој може да изврши увид во тестовите, испитот го спроведувале лица од Министерството за здравство, кои со нив ги донеле тестовите и полагањето на испитот е снимено. Според нив, дописот до медиумите го пратил најслабо рангиран кандидат, заради внимание.

    Ова не е првпат во оваа јавна здравствена институција да се вработуваат повеќе Албанци од Македонци. Во март минатата година, на неопределено време биле вработени 10 медицински сестри, сите Албанки и ниту една од другите националности во градот. Тогаш, директорот кој е од ДУИ беше обвинет за партиски вработувања, но тој демантираше и тврдеше дека дејноста е специфична, поради што им требаат образовани и стручни кадри, па не се вработува по партиски клуч.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира