Утрово пред Министерството за одбрана во Скопје беше подигнато украинското знаме во знак на поддршка за одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во пресрет на навршувањето на две години од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година.
На чинот на подигањето на знамето присуствуваа Министерката за одбрана Славјанка Петровска и украинската амбасадорка Лариса Дир.
Од Министерството за одбрана велат дека Македонија продолжува целосно да ја поддржува Украина во борбата за својот територијален суверенитет и интегритет.
Досега, македонската влада донесе 12 одлуки за воена и хуманитарна помош и беше спроведената обука на украинските војници на Криволак.
„Оваа поддршка ќе продолжи и понатаму, а тоа беше потврдено од страна на министерката Петровска и на состанокот на Советот НАТО – Украина кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел за време на минатонеделниот министерски состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО“, велат од Министерството за одбрана.
Украинското знаме пред Министерството за одбрана ќе се вее заедно со македонското знаме до понеделник, 26 февруари.