Жител од неготинското село Курија рипнал по крстот за здравје на Водици во реката Луда Мара и ја скршил ногата. Раде Јанев, кој сега е на Клиниката за трауматологија во Скопје, вели дека поради сериозноста на повредата ќе биде и опериран.
„Не се сеќавам на што налетав кога скокнав по крстот. Директно сум ја скршил ногата под коленото. Многу ме болеше. Ми помогна народот што беше таму на мостот. Прво ме однесоа во Здравствен дом Неготино, па за Скопје. В понеделник следува операција“, вели Јанев.
Јанев е еден од тројцата жители на Курија кои се фрлиле по крстот. Вели дека ова му било седми пат, а досега три пати го имал фатено крстот.