СИТЕ СТРАДАМЕ ОД СЕГАШНОСТА, НО НЀ ДРЖИ СОЛИДАРНОСТА, ВЕЛИ УКРАИНСКАТА КУРАТОРКА КАРПОВЕЦ ПРЕД ОТВОРАЊЕТО НА ЗИМСКИОТ САЛОН НА ДЛУМ

    СИТЕ СТРАДАМЕ ОД СЕГАШНОСТА, НО НЀ ДРЖИ СОЛИДАРНОСТА, ВЕЛИ УКРАИНСКАТА КУРАТОРКА КАРПОВЕЦ ПРЕД ОТВОРАЊЕТО НА ЗИМСКИОТ САЛОН НА ДЛУМРауник-Кирков, Манева-Чупоска и Карповец на денешната прес-конференција за 20. Зимски салон. (Фото: СДК.МК)

    Триесет и шест дела од 33 македонски уметници и тројца од Украина содржи изложбата на Зимскиот салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Чифте амам.

    Биеналниот ликовен настан се одржува по 20. пат, селекторка е Оксана Карповец, кураторка од Украина, која живее во Франција, а концептот е „Интимност и меѓусебна поврзаност“.

    „Во поврзаноста на овие зборови, мојата идеја е дека сите живееме во глобално село, дека сме поврзани без разлика каде денес живееме, сите сме вклучени и во војната во Украина, во Сирија, гладот, климатските промени. Сите страдаме од ова, во иднина сите ќе ги видиме последиците.
    Интимноста е нешто важно што прави не прави нас луѓе. Интимноста на мајката и детето, интимноста на љубовта, на грижата, грижата еден за друг, солидарноста“, рече Карповец на денешната прес-конференција.

    Претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска кажа дека Карповиц во октомври ја предложила темата, актуелна и провокативна, која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асцоцијации.

    Нема ограничувања во однос на број на пријавени дела, формат, техника, а пристигнале 80-тина дела. Манева-Чупоска додаде дека вечерва на отворањето ќе говори историчарката на уметност Викторија Васева-Димеска, која била ангажирана како куратор за првиот Зимски салон во 1992.

    „Презентираните ликовни дела со длабока емотивна резонанца, создадени со мотивот ‘Интимност и меѓусебна поврзаност’ служат како потресно истражување на врските што нѐ обединуваат, моментите што нѐ дефинираат и односите што ги обликуваат нашите животи. Селектираните ликовни дела на оваа изложба со својата сензибилност и директност во уметничкиот израз ја предизвикуваат современата публика на себе рефлексија, критичко мислење и сензитивна акција“, вели Маја Рауник-Кирков.

    На отворањето ќе биде соопштен добитникот на Гран-при наградата, престој во ателјето на „Сите дез арт“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира