Пожар зафати голема станбена зграда во Валенсија и засега нема информации дека има загинати, но локални медиуми објавија дека би можело да има заглавени луѓе внатре. Гори 14-катна зграда во населбата Кампанар, при што огнот се проширил и на соседна зграда.
Повеќе од 20 противпожарни екипи се борат со огнот и на луѓето им се советува да ја избегнуваат областа. Весникот „Ел Паис“ објави дека седум луѓе примиле лекарска помош, од кои двајца пожарникари.
Еден станар од вториот кат изјави дека огнот многу брзо се проширил откако пожарот наводно избувнал на четвртиот спрат.
„Пожарот се прошири за десетина минути“, кажа тој.
Инженерот Давид Игуера изјави за „Ел Паис“ дека облогата на зградата можеби придонесла за брзото ширење на огнот.
„Алуминиумските плочи со изолатор од пена што го сочинуваат надворешниот слој на зградата се многу добри за изолација од топлина и студ, но и се многу запаливи“, рече тој.