СО ТРАЈНА ПОСТАВКА ПРВПАТ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ДЕПОТО СЛИКИ НА МАРТИНОСКИ, БЕЛОГАСКИ, ТЕМКОВА И ДРУГИ ДЕЛА ОД ЗБИРКАТА НА НАРОДНИОТ МУЗЕЈ ВО ВЕЛЕС

    СО ТРАЈНА ПОСТАВКА ПРВПАТ ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ДЕПОТО СЛИКИ НА МАРТИНОСКИ, БЕЛОГАСКИ, ТЕМКОВА И ДРУГИ ДЕЛА ОД ЗБИРКАТА НА НАРОДНИОТ МУЗЕЈ ВО ВЕЛЕСМузејот во своето депо поседува 143 уметнички дела од ликовни уметници од земјава и мал дел од странство. (Фото: СДК.МК)

    Народниот музеј до Велес доби нов простор каде ќе се изложуваат делата музејската збирка, кои со децении се во депоата. Во Одделението за фотографии од стар Велес, одлучено е да се преуреди во просторија каде ќе има трајна поставка на ликовни дела колекцијата.

    „Изложбените простории се во реконструкција, пред сè Археолошкото одделение. Во Историското одделение имаме просторија која ја пренаменуваме за да можеме да ги изложиме уметничките слики и скулптури кои се од исклучително значење, и затоа создаваме трајна поставка. Убаво е јавноста да ги виде тие дела кои со децении биле чувани далеку од очите на посетителите. Тоа ќе биде новина во работата на музејот“, кажа Ангел Коруновски, директор на Народниот музеј од Велес.

    Таа просторија веќе беше користена за изложба на делата на зографот Ѓорѓи Зографски, а се работи на новата трајна поставка, која наскоро ќе биде претставена.

    „Музејот во своето депо поседува 143 уметнички дела од ликовни уметници од земјава и мал дел од странство. Поголем дел се слики, но имаме и цртежи, графики, скулптури. Имаме дела од значајни автори како  Мартиновски, Белогаски, Темкова, Коџоман, Зографски. Ќе имаме богата поставка. Делата ќе бидат достапни до јавноста, до публика, а не да стојат далеку од нив. Создаваме простор за достојна презентација на нашето културно добро“, кажа Елица Николова, кустос-советник од Народен музеј.

    Веќе се набавени постаменти за скулптурите, некои дела се врамуваат. Народниот музеј го поседува Ликовниот салон, каде годинава се предвидени бројни изложби, меѓу нив гостување на јубилејната изложбата „50 години творештво“ на велешанецот Ангел Димовски-Чауш, поставување јубилејна изложба за 70 години од смртта на Димитрие Андонов-Папрадишки и изложба на фотографии од икони на Крсте Зограф, чие творештво не е доволно истражено во Македонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира