Владата денеска го прогласи Вевчанскиот карневал за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Со оваа одлука се овозможува зачувување и афирмација на василичарската поворка, која се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани.
„По своите карактеристики, ‘Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани‘ се издвојуваат со својата автентичност, зачуваноста на формите на маските, василичарското оро, верувањата и со обредните практики. За Василичарите во Вевчани се утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите на изработката на автентични маски ќе се обезбедат одржливост на древната манифестација и пренесување на знаењата за изработка на маските и на вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката“, соопшти Владата.
Вевчанскиот карневал се одржува во јануари и има традиција од најмалку 1.400 години.