Селекторот на македонската ракометна репрезентација Лино Червар вели дека може да бидеме задоволни од настапот на Светското првенство во Франција по денешната елиминацијата од Норвешка во осминафиналето.
Во Албервил, Македонија загуби со 34:24 по слабото издание во второто полувреме, откако во првиот дел одигра добро и на полувреме имаше негатива од само два гола (12:10).
„Норвешка денеска беше подобриот тим. Знаев дека денеска нè чека навистина тежок меч. Во првото полувреме мојот тим играше добро, имаше и добар резултат, но без енергија во второто полувреме немавме шанса. Мојот тим играше без Миркуловски и Манасков и тоа ни ја отежна работата. Но, не сакам овој резултат да го расипе впечатокот. Никого не победивме во Полска, скоро никого во Гдањск, а тука имавме две победи и нерешено. Може да бидеме задоволни“, кажа хрватскиот тренер по мечот со Норвешка.
Претходно, во фазата на групи, Македонија ги победи Тунис и Ангола, ремизираше со Исланд и загуби од Словенија и Шпанија.