Владата на Хаити прогласи вонредна состојба и полициски час откако вооружени банди упаднаа во големи затвори во главниот град Порт о Пренс, при што беа убиени најмалку 12 луѓе, а околу 4.000 затвореници избегаа. Лидерите на бандите кажаа дека сакаат да изнудат оставка од премиерот Ариел Хенри, кој моментално е во странство. Тие исто така тврдат дека контролираат 80% од Порт о Пренс.
Владата соопшти дека бандите упаднале во два затвора и дека поради закана по националната безбедност се прогласуваат 72-часовна вонредна состојба во земјата, како и полициски час ноќе.
Најновиот пораст на насилствата во Хаити започна во четвртокот кога премиерот Хенри отпатува во Кенија за да разговара за испраќање на мултинационални безбедносни сили во Хаити. Лидерот на банда Џими Шеризие, кој се поврзува со неколку масакри во Порт о Пренс, потоа нареди координиран напад за да се отстрани Хенри од власт.
„Вооружените групи во провинциските градови и во главниот град се обединети“, изјави тој.
Околу 100 затвореници одлучиле да останат зад решетки, меѓу кои и колумбиски војник обвинет за убиството на претседателот Моисе во 2021.