ОПШТИНА ТЕТОВО ПРИЈАВЕНА ВО ПОЛИЦИЈА ЗА СЕЧЕЊЕ ДРВА ПОКРАЈ КОРИТОТО НА ПЕНА

    ОПШТИНА ТЕТОВО ПРИЈАВЕНА ВО ПОЛИЦИЈА ЗА СЕЧЕЊЕ ДРВА ПОКРАЈ КОРИТОТО НА ПЕНАМесноста „Бањиче“ е едно од најпосетуваните рекреативно излетнички места во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Едно обично чистење на реката Пена во Тетово може да предизвика непријатности за кои од локалната власт велат дека има политичка позадина. Од ЈКП Тетово започнале да ги сечат дрвата покрај коритото на река Пена во месноста „Бањиче“. Откако биле исечени десетици дрва, нивната активност била пријавена во полицијата и во дирекцијата на ЈП „Национални шуми” – Тетово и шумската полиција.

    „ЈКП денеска презеде акција за чистење и одржување на реката Пена. Започнавме со сечење на дрвјата кои беа во внатрешноста на реката, со цел да се преземат рани мерки во случај на поплави или каков било друг настан. Но, додека ние ја работевме нашата работа како одговорност на локалната власт за одржување на реката, централната власт преку своите механизми ја кочи нашата работа за подобро и побезбедно Тетово. Дојде полиција и ни ја прекина работата, со образложение дека немаме право да ги сечеме дрвјата. Потоа дојде и шумската полиција која ни кажа дека можеме да ги сечеме дрвата, но немаме право да ги транспортираме. Јасно се гледа дека и едните и другите се испратени само да ја попречуваат работата на општината, бидејќи не ги ни знаат ингеренциите на локалната власт. Мора уште еднаш да нагласиме дека одржувањето и чистењето на реката е обврска на Општина Тетово, а не на полицијата или шумската полиција. Ние работиме додека централната власт измислува закони и по секоја цена се обидува да нè спречи“, објави директорот на ЈКП Самет Бислими.

    Инцидентот го потврдува и тетовската полиција, која по пријавата веднаш излегла на терен, но од таму велат дека тие не го спречиле сечењето на дрвата.

    „Вработен во ЈП ‘Национални шуми’ – Тетово вчера во 11 часот и 20 минути во СВР Тетово пријавил дека во месноста ‘Бањиче’ во Тетово, без нивна дозвола, вработени во Општина Тетово вршат сеча на дрвја. На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници на СВР Тетово, кои утврдиле дека станувало збор за планирани активности на Општината, кои не се во надлежност на СВР Тетово и за тоа изготвиле соодветен писмен материјал“, се вели во соопштението испратено од СВР Тетово.

    Месноста „Бањиче“ е едно од најпосетуваните рекреативно излетнички места во Тетово. Тетовци се со поделени мислења за активностите што ги прави општината на овој реон. Поголемиот дел од нив не се согласуваат со сечењето на дрвата туку бараат општината повеќе да сади нови дрва. И тетовските екологисти мислат дека сечењето на дрвата покрај коритото на реката може да има негативен ефект ако тоа се работи нестручно.

    „Од локалните власти слушнавме дека се чисти коритото, тоа е за поздравување бидејќи состојбата е лоша со години. Но, треба да видиме дали за ова има еколошки елаборат, кој го има направено, кој ја донел таа одлука и дали има направено тест кои дрва треба или не треба да се сечат. Ако сè им се остава на работниците на ЈКП не сме баш сигурни дека е направена добра одлука. Ние сме против сечење на секое дрво, односно може да се сече само ако тоа не создава негативен ефект“, изјави Нгадњим Мемети, еколошки активист.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира