Потпретседателот на рускиот енергетски гигант „Лукоил“, Витали Робертус, е пронајден мртов на 54 години. Тој е четвртиот високопозициониран функционер на „Лукоил“ кој почина од почетокот на војната во Украина.
„Со длабока тага мора да соопштиме дека нашиот потпретседател Витали Владимирович Робертус почина ненадејно на 54 години“, објави компанијата, без да наведе други детали.
Робертус работел во „Лукоил“ повеќе од 30 години.
Тогашниот шеф на „Лукоил“, Равил Маганов, почина во август 2022 откако паднал од прозорец во болница во Москва, неговиот наследник Владимир Некрасов почина во октомври 2023 поради срцеви проблеми, а уште еден директор во компанијата, Александар Суботин, беше пронајден мртов во мај 2022.