Поплочен е кејот на реката Отиња во Штип, изградени се пешачки патеки од двете страни на реката во должина од 2 километра вдолж центарот и три платформи за паркирање над коритото. Општина Штип почна со доопремување и со засадување садници, поставување канделабри и подземен систем за наводнување на зелените површини.
„Од двете страни на коритото на реката Отиња покрај пешачките патеки е поставен подземен систем за наводнување на зелeната површина и на новите 250 зимзелени садници од сортата ауреа нана“, вели Кирил Зајков, директор на ЈП „Исар“ кое е главен изведувач на работите.
Градоначалникот на Штип Иван Јорданов додава дека за подземниот систем за наводнување се потрошени 500.000 денари (околу 8.000 евра), а исто толку се издвоени за садниците и за 170 канделабри со чија помош ќе биде целосно осветлен уредениот кеј и од двете страни на Отиња.
Претходно, покрај пешачките патеки беа поставени 200 клупи и канти за отпадоци и заштитна ограда од двете страни на реката.
Јорданов најавува и пролетно уредување на населбите и нивните паркови и плоштади, акции кои ќе се одвиваат секој викенд со општа доброволна работа на вработените во општинската администрација и јавните претпријатија.
Т. ЈОВАНОВСКИ