АКТЕРОТ ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ, ЗАБЛАГОДАРУВАЈЌИ СЕ ЗА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“, Ѝ СЕ ИЗВИНИ НА ПУБЛИКАТА ЗА НЕГОВИТЕ ИЗЛЕТИ ВОН СЦЕНАТА

    АКТЕРОТ ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ, ЗАБЛАГОДАРУВАЈЌИ СЕ ЗА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“, Ѝ СЕ ИЗВИНИ НА ПУБЛИКАТА ЗА НЕГОВИТЕ ИЗЛЕТИ ВОН СЦЕНАТАМихајловски е годинашен добитник на наградата „Петре Прличко“ за животно дело. (Фото: СДК.МК)

    Заблагодарувајќи се при врачувањето на актерската награда „Петре Прличко“ за животно дело, Тони Михајловски на сцената на Велешки театар рече дека ја очекувал подоцна во животот, но се извини и за сите негови излети вон сцената.

    „Во годините што доаѓаат ќе ме гледате само на театар, телевизија, филм. Се извинувам за сите излети што во минатото сум ги направил надвор од сцената“, кажа Михајловски, алудирајќи на неговиот политички ангажман во времето на владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

    Жирито во состав Слободанка Чичевска, Фаик Мефаиловски и Благојчо Стојанов едногласно одлучи годинава добитник на наградата „Петре Прличко“ да биде Михајловски.

    „Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во еден од најдоминантните појави не само на македонската, туку и на балканската театарска и филмска сцена. Тони е еден до ретките наши актери, чиј широк актерски распон е препознаен и вреднуван и надвор од домашната продукција“, се вели во образложението на жирито за наградата.

    Михајловски лани одбележа 30 години кариера. Првата награда која ја има добиено е исто така со име на велешки актер, „Трајко Чоревски“ за млад актер на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, кога ја добил уште недипломиран на 4-та година на Факултетот за драмски уметности во Скопје (ФДУ). При добивањето на наградата „Петре Прличко“ кажа дека не подготвувал говор и го обзеле емоции.

    „Вработен сум три пати во МНТ, во 1993 кога дипломирав, па си дадов отказ, па 1998 ме вработија и ме избркаа за два месеца и во 2013 по третпат се вработив. Јас сум човекот со хет-трик, со три вработувања во МНТ. Моето мото за театарот е, доколку сакаш да пратиш порака, напиши СМС или оди во Пошта, театарот е за забава. До ова се држев сите три децении, се забавував на театарските штици, и тоа го префрлив преку сцената во публиката. Оваа награда е доказ дека сум успеал во тоа“, кажа Михајловски.

    Наградата ја доделуваат Општина Велес, паричниот дел е чек во вредност од 500 евра, и Театарот „Јордан Хаџи Констнинов Џинот“ со плакета со ликот на Прличко.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира