Лидерите на Европската Унија ѝ дадоа зелено светло на Босна и Херцеговина за почеток на пристапни преговори, осум години откако таа поднесе апликација за членство. Ова следува откако Европската комисија минатата недела препорача да се отворат преговори.
„Вашето место е во европското семејстгво. Оваа одлука е клучен чекор на вашиот пат кон ЕУ. Сега мора да продолжите со напорната работа за да останете на патот на напредокот“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, честитајќи ѝ на БиХ.
Босна и Херцеговина долго време го чекаше овој момент. ЕУ во 2003 година ја усвои Солунската декларација, со која беше порачано дека ги сака земјите од Западен Балкан во своето членство. Оттогаш, само Хрватска ги заврши пристапните преговори и стана членка на ЕУ. Откако аплицираше за членство, БиХ доби статус на кандидат во октомври 2022.