Русија е во војна поради интервенцијата на западот на страната на Украина и не може да дозволи на нејзините граници да постои држава која покажала дека е подготвена да користи секакви методи за да ја преземе контролата врз Крим, соопшти Кремљ.
Коментарите на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, за руското списание „Аргументи и факти“ се некои од највоинствените поврзани со Украина досега.
„Ние сме во состојба на војна. Да, ова почна како специјална воена операција, но набргу откако колективниот запад стана учесник на страната на Украина, тоа стана војна за нас. И сите би требало да го сфатат тоа за нивна лична мотивација“, изјави Песков.
Руските функционери, почнувајќи од Владимир Путин, постепено почнаа да го користат зборот војна, откако претходно се избегнуваше и дури се забрануваше.
Песков вели дека Русија мора целосно да ги ослободи своите нови региони за да се осигура безбедноста на тамошните луѓе, што се однесува на четирите украински региони кои Путин незаконски ги анектираше во 2022 година. Москва, која наголемо инвестираше во Крим, вели дека полуостровот е дел од Русија и дека неговиот статус е решен засекогаш.