На 58 години почина бугарскиот писател Алек Попов, еден од најпознатите современи писатели, соопшти Бугарската академија на науките. Попов е автор на романот „Мисија Лондон“ според кој беше снимен истоимениот бугарски филм во режија на Димитар Митовски, а во кој играше и Мето Јовановски. Романот беше преведен на 16 јазици.
Негови дела се и „Црната кутија“ и втората верзија „Црната кутија: кучиња што летаат ниско“, „Сестрите Палавееви во бурата на историјата“, како и на неколку збирки раскази. Работеше и на неколку сценарија за македонската ТВ-серија „Преспав“.
Попов во 2019 беше во Скопје како добитник на наградата „Прозарт“ која фестивалот „Про-За Балкан“, му ја додели за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.
„Хуморот не може да се научи да се пишува. Во хуморот има една пакост. Како мал бев како зевзек, односно сакав да ги ставам луѓето во некоја непријатна ситуација и тоа да биде смешно. Мене не ми е целта да пишувам смешно, ама така се случува. Добрата сатира е насочена кон силните, а не кон слабите. Ако е насочена кон слабите, тогаш таа преминува во снобизам. Тоа е мојот прост рецепт во пишувањето и тоа, се разбира, е поврзано со многу непријатности“, рече Попов во 2019.
Како автор од европски ранг, Попов е преведен на повеќе од 15 јазици. Член е на најважните писателски институции во Бугарија и е награден со многу домашни и меѓународни признанија.