Лидерите на Шпанија, Ирска, Малта и Словенија изјавија дека се подготвени да ја признаат независноста на палестинската држава, зашто, како што велат, тоа е единствениот начин да се обезбедат мир и стабилност во поширокиот регион. Тие се сретнаа на маргините на самит во Брисел за да разговараат за признавањето на Палестина, додавајќи дека се спремни на тоа за да дадат позитивен придонес.
„Се согласивме дека единствениот начин да се постигнат трајни мир и стабилност во регионот е преку спроведувањето на решението за две држави, при што Израелците и Палестинците би живееле едни до други“, кажаа тие во заедничкото соопштение.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека следната недела би можело да се направи многу за зајакнувањето на политичката поддршка за Палестина во Обединетите нации.
„Мислиме дека условите за формирање нова влада во Палестина ќе бидат зрели за неколку месеци, можеби еден месец’, кажа Голоб.
Девет од 27-те членки на ЕУ ја имаат признато независноста на палестинската држава според границите од 1967 година, што ги вклучува Западен Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа. Тоа прва го направи Шведска во 2014 година.