БИТОЛСКИОТ СОВЕТНИК ЧУЛАКОСКИ ПО КОСТУМ СЕ СПУШТИ ОД ПЕЛИСТЕР НА ШТИЦА ЗА СНОУБОРДИНГ БАРАЈЌИ ОПШТИНАТА ДА ЗАПОЧНЕ ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТОТ ЗА ГОНДОЛА

    БИТОЛСКИОТ СОВЕТНИК ЧУЛАКОСКИ ПО КОСТУМ СЕ СПУШТИ ОД ПЕЛИСТЕР НА ШТИЦА ЗА СНОУБОРДИНГ БАРАЈЌИ ОПШТИНАТА ДА ЗАПОЧНЕ ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТОТ ЗА ГОНДОЛАЧулакоски објави видео на социјалните мрежи со наслов „На Пелистер по костум“

    Иван Чулакоски, советник од независната иницијатива „Поинаку“, на штица за сноубординг се спушти од врвот на Пелистер барајќи од општинската администрација да започне со изработка на проектната документација за изградба на гондола на Пелистер со цел развој на туризмот.

    Традиционално, по четврти пат ќе се спуштам по костум од врвот на Пелистер на надморска височина од 2.601 метар, сега со една цел – гондолата на Пелистер, која како советници ја изгласавме едногласно, меѓутоа општинската администрација и градоначалникот не сакаат да ја реализираат. Ова да биде едно потсетување дека имаме прекрасна планина која може да помогне за развој на туризмот, не само во градот, туку и во регионот“, рече Чулакоски пред да го направи спустот.

    Видеото е објавено на социјалните мрежи со наслов „На Пелистер по костум“. Покрај него, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од Поинаку“, напиша: „Вознемирувачко видео за оние кои не разговараат со невладини организации“, алудирајќи на дискусиите на последната седница на Советот, кога некои советници им кажаа дека тие не се политичка партија, туку граѓанска организација.

    Редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК уште во вторникот испрати прашања до Општина Битола кога ќе започне изработката на физибилити студија и на техничка документација за гондолата на Пелистер, но не добивме одговор. Во други наврати, од Општината ни беше одговорено дека изработката на ваквата документација е предвидена во Програмата за развојни проекти за 2024/26 и предвидени се по два милиона денари за годинава и за следната година. Но, сега не добивме прецизен одговор кога точно ќе се отпочне со постапката.

    Советот на 7 март годинава донесе одлука за отпочнување на постапката за изработка на проектната документација, но нејзиното објавување е запрено од страна на Општината затоа што проектот е предвиден во развојната програма.

    Чулакоски во ноември предложи изградба на гондола слична на онаа на Златибор со цел туристички да заживее Пелистер. Советот тогаш едногласно прифати да се изработи проектна документација за гондолата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира