Се додека не се санира катастрофалната состојба во основното училиште „Мирче Ацев“ во долненското село Лажани, околу 270 ученици нема да следат настава. Оваа е одлука на нивните родители, откако пред 3 месеци пропаднал нивниот обид за решавање на проблемот со локалните власти.
„Ние се сертнавме со градоначалникот на Општина Долнени на почетокот на октомври. Побаравме да се преземат мерки,и да се интервенира за да се санира состојбата во училиштето. Зградата е руинирана, електроинсталација не е добра,
8 години не е варосано во објектот, инвентарот е стар и искршен, едноставно ништо не е во ред. Не можеме и натаму да дозволиме нашите деца да учат во ризични услови, особено во зима“, вели Мирсад Колашинац, претседател на Советот на родители на ОУ „Мирче Ацев“.
Се обидовме, но не успеавме да добиеме одговор за проблемот од директорот на ова училиште Даут Љиач. Меѓутоа, градоначалникот на Општина Долнени Боше Милошевски вети дека ќе бидат преземени мерки за санација на училиштето.
„Училишниот објект е стар со децении, има проблем со подовите и електричната инсталација, тоа се два најголеми проблема. Ќе формираме комисија која што ќе изврши увид и ќе направиме финансиски анализи колку тоа ќе чини, па да се заокружи финансиската конструкција за да се реши проблемот“, ветува градоначалникот Милошевски.
Тој додава и дека ќе сретне со родителите. Вели дека освен барања до Министерството за образование, ќе се обезбедат средства и од локалниот, од општинскиот буџет.
Од друга страна жителите на долненска општина се жалат дека речиси сите училишта се во тешка состојба, дека со години овде не е интервенирано, а одговорноста ја префрлаат колку на Општината, толку и на Министерството.
„Оставени сме на маргините и ние и нашите деца. Општина Долнени е најзапоставена, никогаш не е во фокусот на власта. Се соочуваме со бројни проблеми, а решение нема. Политичарите доаѓаат само за избори, ветуваат и си заминуваат, а проблемите секоја година се се поголеми“, реагираат долненци.