Володимир Зеленски призна дека Украина ќе ја изгуби војната со Русија ако не добие помош од САД. Предложениот пакет од над 60 милијарди долари со месеци е заглавен во американскиот Конгрес поради блокадата од републиканците.
„Неопходно е јасно да му се каже на Конгресот дека ако не ѝ помогне на Украина, Украина ќе ја изгуби војната. Ќе ѝ биде тешко на Украина да преживее без таа помош. А, ако Украина изгуби, и други држави ќе бидат нападнати“, кажа Зеленски.
Украинската војска веќе подолго време се соочува со недостиг на муниција и војници и стравува дека Русија ќе покрене нова голема офанзива во следните месеци.
Во исто време, руските сили продолжија да напредуваат на источниот фронт и по освојувањето на Авдивка, го стегаат обрачот околу градот Часив Јар. Киев признава дека ситуацијата кај овој град е многу тешка, но дека украинските сили се држат. Часив Јар е оддалечен само 30-ина километри од Краматорск, кој е важен транспортен и логистички центар.