Не поминаа завршната сметка и извештајот за работа на јавното претпријатие „Водовод“ од Битола на денешната седница на Советот поради загубата од 22 милиони денари. Директорот Пеце Милевски, кој е четврти на кандидатската листа пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица, не присуствуваше на седницата на Советот. Советничкото мнозинство го обвини за недомаќинско работење и дека ќе си замине во Скопје оставајќи го претпријатието со финансиска дупка. Милевски вели дека е на годишен одмор и дека загубата се должи на инфлацијата и зголемените давачки, а Советот го обвини дека се однесува политикантгски.
„Што да се каже за вакви бројки во завршните сметки на јавни претпријатија, пепел и цунами заедно. Огромни суми потрошени за спонзорства, осигурувања, новогодишен надоместок, долг за К-15 кон вработените, енормно зголемување во набавката на мазут. Директорот на ‘Водовод‘ не се секира што претпријатието е не во финансиска дупка, туку во финансиски кратер. Нему му е важна кампањата за пратеник“, рече Мирјана Захариевска-Ралевска, советничка од СДСМ.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку, рече дека ревизијата во ЈП „Водовод“ покажала оти 75 проценти од водата не била наплатена.
„За жал, таков човек кој избегнува да доаѓа на комисии и седници ќе ве претставува и понатаму на централно ниво. Кажете им во партија дека директорот со службеното возило одеше во странство. Најтрагично е што ќе се спакува и ќе си замине во Скопје, а овде вработените ќе останат во незавидна состојба, ќе му биде тешко на новиот директор и Битола губи уште едно јавно претпријатие“, рече Илиевска.
Милевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека иако е на одмор, во рамките на неговите можности ги извршува тековните зафати и итните работи во „Водовод“, па денеска имало санација на три дефекти. Додава дека наплатата е зголемена за 90 проценти, вкупните приходи за 10 отсто, а материјалите трошоци за пет отсто. Но, загубата се должи на двоцифрената инфлација, зголемените бруто плати, цената на репроматеријалите, хемиските средства за третирање и обработка на водата за повеќе од 2,5 милиони денари. Вели наследил обврски за исплата на новата управна зграда од 47 милиони денари, новите пумпни агрегати од 24 милиони денари и сметки за електрична енергија за 2021, 2022 и 2023 од вкупно 90 милиони денари.
„И советниците се одговорни какви услуги добиваат граѓаните преку јавните претпријатија. Тие како Совет треба да помагаат, а не да одмагаат. Ситуацијата е тешка, но, за жал, тие кои се најодговорни се занимаваат со ситни партиски преписки и лиферуваат лаги“, рече Милевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА