Рускиот град Оренбург е во очекување на големи поплави додека надојдуваат реките во регионите кои граничат со Казахстан. Сезонските поплави поголеми од вообичаените се предизвикани од топењето на снегот на планината Урал, што доведе до евакуации во подрачјата кои се во опасност.
Според министерството за вонредни ситуации, повеќе од 10.000 домови веќе се поплавени во делови на Урал, западен Сибир и во сливот на Волга.
Реката Урал, која е трета по големина во Европа, викендов проби брана и се излеа од насипот во градот Орск.
Во Оренбург, кој има 500.000 жители и се наоѓа 300 километри низводно, се очекува највисоко ниво на водата досега, што треба да биде достигнато утре.
„Сите, буквално сите кои се наоѓаат во зоната на поплава мора да ги напуштат своите домови“, изјави градоначалникот Сергеј Салмин.
Вонредна состојба е прогласена и во регионите Курган и Тјумен источно од планината Урал, при што се загрозени повеќе од 19.000 луѓе. Претседателот Владимир Путин нареди да се формира специјална комисија за справување со ситуацијата.
Десетици илјади луѓе се евакуирани и од десет региони во соседниот Казахстан, чиј претседател Касим-Јомарт Токаев кажа дека ова е најголемата природна катастрофа во земјата во последните 80 години.