Речиси 12.000 домови се поплавени во рускиот регион Оренбург на границата со Казахстан, додека водостојот на реката Урал продолжува да расте и се закануваат нови поплави, кажаа властите. Поплавите доведоа до евакуација на илјадници луѓе во Оренбург, сместен околу 1.200 километри југоисточно од Москва, при што е прогласена вонредна состојба.
„Ситуацијата е многу сериозна и во самиот град Оренбург, каде што водостојот на Урал достигна рекордно високи 10,87 метри. Досега се евакуирани повеќе од 7.800 луѓе“, изјави регионалниот гувернер Денис Паслер, кој во телевизиско обраќање му рапортираше на Владимир Путин за штетите во регионот.
Се проценува дека штетите од поплавите ќе бидат речиси 500 милиони долари.
И регионите Курган и Тјумен се спремаат за поплави, зашто водостојот на локалните реки расте.
Поплавите го погодија и Казахстан, каде што беше прогласена вонредна состојба во десет од 17-те региони, која и натаму е на сила во осум региони.
Сезонските поплави поголеми од вообичаените се предизвикани од топењето на снегот на планината Урал. Реката Урал, која е трета по големина во Европа, минатиот викенд проби брана и се излеа од насипот во градот Орск.