Иранската влада го прогласи воздушниот напад врз Израел како успешен, додавајќи дека нема да продолжи со одбранбените операции. Таа кажа дека нападот ја исполнил целта и дека биле погодени планираните воени мети, како одговор на израелското бомбардирање на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април.
Шефот на иранската војска Мохамед Багери изјави дека во нападот биле уништени израелски разузнавачки центар близу границата со Сирија и воздушна база. Израел потврди дека базата „Неватим“ била погодена, но дека штетата е незначителна, како и дека вкупно 12 луѓе се повредени.
Вкупно девет држави беа вклучени во ноќешната голема воена ескалација, откако од териториите на Иран, Ирак, Сирија и Јемен беа лансирани повеќе од 300 дронови и проектили, а во нивно соборување учествуваа Израел, САД, Велика Британија, Франција и Јордан. Израел кажа дека се соборени 99% од лансираните оружја и дека многу мал број од нив стигнале до израелската територија.
Засега е нејасно како Израел ќе реагира на првиот директен напад од Иран досега. Членот на воениот кабинет Бени Ганц изјави дека Иран секако ќе плати цена за нападот.
„Ќе изградиме регионална коалиција и ќе го натераме Иран да ја плати цената во вистинскиот момент и на начин што нам ни одговара“, изјави Ганц.